Изложба „Екологија на идеи“

Почитувани,

Ви се обраќаме од името на италијанската организација „Ла Драматурџи“ по повод организацијата на меѓународната изложба „Екологија на идеи“(Ecology of Ideas) во рамки на интернационалниот проект „Патиштата на хероите“ поддржан од програмата на „Креативна Европа“ во 2020 година. Во својата основа проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се работи за комплексен проект со времетраење од две и пол години. Покрај Македонскиот народен театар како главен партнер, во проектот се вклучени уште шест организации од кои една од земјава (Издавачка куќа Гаврош) и пет од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Секоја од организациите се занимава доминантно со производство, промоција и истражување на театарски и сценски форми.

Изложбата „Екологија на идеи“ (Ecology of Ideas) на партнерот од Италија, „Ла Драматурџи“ под кураторство на режисерот и драматург Џан Марија Черво е идејно конципирана - три изложбени простории тематски поврзани, но концептуално различни. Имено, изложбата е комбинација од различни пристапи со цел да се обрати на различна публика и да ја искомуницира еколошката криза со која се соочува современиот свет.

Истовремено, ги опфаќа темите на општествена апатија и отсуство на дела, но нуди и решенија за основните прашања како: Дали треба да ја видиме бојата на воздухот што го дишеме за да дејствуваме? Како се поаѓа од чувството на бесполезност? Како дејствуваме како поединци, а како дејствува заедницата? Што значи политичка, општествена и емоционална криза? Кои се првите чекори како уметници?

Изложбата „Екологија на идеи“ е патувачка. Имено, таа ќе биде отворена во Република Северна Македонија на 12 април со почеток во 20:00 часот во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ - Национална галерија, а потоа патува за Италија и завршува во Атина, Грција, а со тоа се потврдува широкиот интернационален дострел на проектот „Патиштата на хероите“ вклучувајќи во своите активности повеќе од 30 артисти.

Со почит,
РСМ НУ Македонски народен театар 

 
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk