Седумдесет и седум години Македонски народен театар, години неизмерна љубов кон сцената, години во кои македонскиот збор тече од сцената жедно впиван од публиката, 77 години актерска игра...

 

Запишано е — „На 3 април 1945 се случи празникот на македонскиот театар: премиера на ’Платон Кречет‘. Во свечената тишина прозвучи првата реченица на артистката Вера Вучкова: ’Колку е блиску сонцето‘“. Подигнатата завеса го отвори МНТ, кој започна без вистински традиции за сопствен театар и без доволен професионален актерски, технички и режисерски кадар, но со огромна желба и страст. И со публиката која е „гладна“ за тој сценски збор и која како што е запишано „... го полнеше театарот до последно место. Колку што долги беа редовите пред продавниците за хлеб толку беа долги и пред шалтерот на театарската билетопродавачница“. Со целата своја енергија и творечка сила оваа прва група актери, режисерот, сценографот и преведувачот го започнаа патот на уметничко-сценското создавање на оваа сложена уметност – театар. 

Движејќи се од класичната драма до најсовремените драмски достигнувања, низ делата на домашните и странските автори, Македонскиот народен театар бил, е и ќе биде гласник на културата, водилка кон изведување на ремек-дела, интимна и длабока врска меѓу актерите и публиката, предизвик за режисерите, совршен подиум за претстави на големата и на малата сцена. Во една прилика Бранко Гавела, хрватскиот режисер, театролог и педагог ќе запише: „Кога реков претставите дека се симпатични мислам дека најдобро ја означив нивната непосредна човечка топлина, ненаместеноста, отсутноста на секое егзибиционистичко значење и скромноста, што не потекнува од чувството за помала вредност, туку од длабоката верба за големината и тешкотиите на поставените задачи“.

Со сценска вистинитост и природна појава, од првата реплика до денес, се прикажува сликата и идејата за уметничко дело, тенденцијата за колективна игра и духот на создавање на целосен театар. И денес во 2022 година кога се одбележуваат 77 години, истите стремежи се дел на сите од МНТ: креативност, потреба, желба, магија, величественост, идентитет, распослана душа, отворено срце, неуморност, сценско патување! 

 

Повеќе во видео записот https://fb.watch/caldNugXmr/ 

На видео записот работеа:

Концепт и реализација: Ивана Јарчевска

Техничка реализација: Ангел Петровски и Мила Анѓелковиќ 

Чита: Драгана Левенска

Камера и монтажа: Дени Ингилизовски

Тон – мајстор: Ненад Трпеноски

Користена музика: Марјан Неќак

Директор: Симона Угриновска

Продукција: РСМ НУ МНТ, 2022

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk