ОД ПАРИЗ И ЛОНДОН ВО СКОПЈЕ – ТИЕРИ АРКУР НА СРЕДБА СО ДИРЕКТОРОТ КИМОВСКИ ВО МНТ
Денеска во нашиот Македонски народен театар се одржа средба што отвора ново европско културно партнерство – директорот Никола Кимовски имаше чест да го пречека реномираниот француски режисер, актер и сценограф Тиери Аркур (Thierry Harcourt).
Разговорите беа насочени кон можноста Аркур да постави претстава на сцената на МНТ во која би играле македонски актери од ансамблот на нашиот театар – проект што би претставувал вистински културен мост помеѓу Скопје, Париз и Лондон.
Кој е Тиери Аркур?
Аркур е уметник со извонредно портфолио – работи во театарот, филмот и телевизијата, а неговата кариера е градена двојазично, меѓу Лондон и Париз.
Бил дел од Europe 1 радио, соработувал со престижниот театар Bouffes du Nord во Париз и повеќе од 20 години живеел и работел како актер и режисер во Лондон.
На сцената играл и режирал заедно со актерски легенди помеѓу кои Џуди Денч и Иан Мекелен, а во приватниот живот пријателува и со Џуд Ло.
Неговата уметничка биографија брои над 60 режирани претстави во Франција, Англија, САД и Јужна Африка.
Инспириран е од великаните Питер Брук и Харолд Пинтер, чии дела оставија длабока трага на глобалната театарска сцена.
Средбата со Аркур не е само протоколарна точка. Таа е влог во иднината на македонскиот театар, кој со оваа соработка го отвора патот кон европските сцени и создава услови за нови врвни театарски остварувања.
Македонскиот народен театар со нетрпение ја очекува оваа културна синергија, која ветува богатство од идеи, стилови и уметнички визии.

