Директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, денеска потпиша Меморандум за меѓуинституционална културна соработка со Даниела Димова, директорка на Театарско-музичкиот продуцентски центар – Варна, Бугарија, во чиј состав функционираат Драмскиот театар „Стојан Бачваров“ и Државната опера Варна.“
Со овој договор, официјално воспоставуваме долгорочна размена на уметнички продукции, градење мост на пријателство и исчекор во унапредувањето на културна партнерска соработка меѓу Р.С. Македонија и Република Бугарија.
Наедно, Кимовски, вечерва ќе присуствува на свеченото отворање на првото издание на Меѓународниот Црноморски театарски фестивал „Theatre in Excitement”, кој се одржува во Варна.
Фестивалот, кој ја степенува важноста за зајакнување на културен дијалог и регионална соработка во изведбените уметности, се реализира под покровителство на Театарско-музичкиот продукциски центар Варна и Драмскиот театар „Стојан Бачваров“ – една од водечките културни институции во Бугарија.
Кимовски ќе има можност да ја погледне и премиерата на претставата „Алма Малер“, колаборативен меѓународен проект, кој го потпишува нашиот наградуван театарски режисер Дејан Пројковски. Претставата е според истоимениот роман на писателот Сашо Димоски, кој ја потпишува и драматизацијата. Во креативниот тим се: Олга Панго (сценска кореографија), Валентин Светозарев (сценографија), Раде Василев (костимографија) и Горан Трајкоски (музика). Во претставата играат актери од Драмскиот театар „Стојан Бачваров“ – Варна, што е доказ за меѓународната соработка меѓу двете земји.
На фестивалот, помеѓу гостувањата на театри од Италија, Романија, Бугарија... ќе биде одиграна и претставата „Празен град“ напишана од најнаградуваниот македонски мајстор на драмата - Дејан Дуковски и во изведба на YALTA ART ROOM Софија, а во режија на Ахмет Исмаил.
Овој Меморандум е продолжение на меѓународната соработка за која се залага МНТ, со оглед на тоа што претходно веќе беше потпишан договор со Националниот театар во Будимпешта (Nemzeti Színház).

