ПОЛНА САЛА И СИЛНИ ЕМОЦИИ - ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ЛОВ НА ДИВА СВИЊА“ ВО ПОДГОРИЦА
По успешната праизведба на „Лов на дива свиња“ од Марија Сарап и во режија на Наташа Поплавска, во Македонскиот народен театар, претставата премиерно беше изведена и во Градско позориште, Подгорица. Оваа копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште Подгорица и „Арт Медиа“ од Скопје силно проговори за семејното насилство, фемицидот и борбата на жените за глас и правда и ја обедини енергијата на креативниот тим од Македонија и Црна Гора во искрена и моќна приказна која ја растрепери публиката. „Лов на дива свиња“ не е само театар – туку катарза, апел и надеж дека уметноста може да биде најгласниот сојузник во борбата против тишината. Ова сценско дело отвора силна уметничка перспектива за искуството на жената на Балканот – жена која е маргинализирана, исклучена и протерана затоа што не се вклопува во очекуваните општествени модели на сопруга и мајка.

