МНТ со сјајна победа: „Народен пратеник“ прогласен за најдобра претстава во целина
Почитувани,
 
Во името на Македонскиот народен театар, се чувствувам почестен да бидам дел од ова извонредно фестивалско окружување, и наедно горд да го примам признанието за „Народен пратеник“, како најдобра претстава во целина.

Оваа награда за нас има огромно значење, во годината, кога Македонскиот народен театар одбележува голем јубилеј – 80 години постоење. Со ова признание заокружуваме една извонредна творечка етапа, со моќна потврда дека нашата театарска уметност продолжува да живее, да се развива и да го освојува регионот.

„Народен пратеник“ е претстава создадена со многу љубов и личен креативен влог на актерскиот ансамбл, режисерот и техничката екипа. Горди сме што претставата претходно гостуваше на повеќе натпреварувачки фестивали низ регионот, на кои беше одлично прифатена и од публиката и од критиката. Претходно ја добивме највисоката награда – „Стериината награда“ во Нови Сад и сега, овде во Врање, престижната награда „Борисав Станковиќ“.

Овие признанија, не се само потврда за успех на уметничкиот тим, кој ја создаде претставата, туку и за Македонскиот народен театар и за Македонија, и се веродостен патоказ дека нашата театарска сцена е творечки жива, има што да понуди и е достојна инспирација на современата балканска сцена.

Дозволете ми искрено да им се заблагодарам на организаторите на Фестивалот „Борини позоришни дани“ за извонредната организација, гостопримството и вистинската љубов кон театарот. Вашата посветеност е светлина за сите нас, кои дишеме и живееме за секој момент на сцената.

Во име на целиот ансамбл на Македонскиот народен театар – благодарам за ова големо признание. Оваа награда нè мотивира и обврзува да продолжиме да создаваме уметност со уште поголема страст, одговорност и почит кон публиката.
 
Ви благодарам. 

Обраќање на директорот на МНТ, Никола Кимовски
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk