„Страв и надеж“ поздравена со долготраен стоечки аплауз и овации на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“
Македонскиот народен театар вечерва на 10 јуни успешно настапи на јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, по мотивите на Франц Ксавер Крец, а во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат.
Претставата беше изведена на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во рамките на официјалната програма на фестивалот. Изведбата беше проследена од фестивалската публика, која ја доживеа современата сценска приказна за стравот, надежта, осаменоста и човековата потреба за смисла во време на општествени и лични предизвици каде се истражуваат кревките граници помеѓу надежта и безнадежноста, отворајќи простор за преиспитување на состојбите во кои живее современиот човек.
Актерската екипа во состав: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска беше поздравена со долготраен стоечки аплауз и овации од публиката, која на тој начин ја изрази својата почит кон изведбата и колективениот актерски ангажман.
Како дел од фестивалската програма, на 11 јуни ќе се одржи трибина посветена на претставата, на која ќе учествуваат претставници на Македонскиот народен театар, а ќе се разговара за нејзината актуелност и значење.
Учеството на „Страв и надеж“ во официјалната селекција на јубилејното издание на фестивалот е од големо значење за претставата и за понатамошниот продукциски процес на Македонскиот народен театар во создавање на современа театарска сцена.
По фестивалското гостување во Прилеп, претставата „Страв и надеж“ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 17 јуни во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар.

