Ако за театарот се вели дека е игра, илузија, магија ... тогаш во него најмногу, најискрено, највнимателно ... ужива детето. А, зборовите на големиот Илија Милчин „театарот го одложуе својот долг кон најмладите гледачи, давајќи им можност да се забавуат и поучуат во спектакли блиски на нивниот степен и свет на познанија и претстави“, по повод премиерата на првата македонска детска претстава, поставена на сцената на Македонски народен театар, најдобро го потврдува ова. Имено, Македонски народен театар прв ја согледува потребата од негување најмлада публика – децата, со што создава услови за формирање куклен театар. Поради тоа во 1946 година, само една година по неговото формирање МНТ, формира и Куклена сцена иницирана и остварена од режисерот Светлана Малахова и актерот Петре Прличко, која на плакатот за првата претстава е назначена како Куклен театар за деца. Во 1949 година и официјално прераснал во Градски куклен театар, чиј директор бил Лазар Балабанов. Во сезоната 1957/58, под раководство на Ристо Стефановски, театарот се реорганизирал во Младинско- детски театар.
Веројатно токму и поради авантурата и перипетиите во кои се преплетува светот на реалноста и фантастичноста, не случајно е одбрано таа магија на театарот да се отвори/разоткрие со Силјан Штркот! Премиерно прикажана на 21 април 1946 година, Силјан Штркот живее 70 години на сцената на МНТ, најпрво во драматизација на Петре Прличко, според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а сега во драматизација на Дејан Дуковски, потпирајќи се и продолжувајќи ја таа традиција. Силјан Штркот започнала преку изработката на куклите и режијата на Светлана Малахова, и продолжува да живее денес преку маските и музиката режирани и водени од Срѓан Јаниќијевиќ. Некогаш се изведувала со куклите раководени од актерите Ратко Гавриловиќ, Јордан Георгиевски, Тома Киров, Марија Мачевска, Деса Прличкова, Вера Филипова, Благоја Црвенков, Добрила Иванова, Трајко Чоревски, Цветанка Јакимовска...., а денес живее преку живата игра на актерите.
АКТЕРСКА ЕКИПА
Силјан - АЛЕКСАНДАР МИХАЈЛОВСКИБожин - НИНО ЛЕВИ
Евда - МАРИЈА НОВАК / МАГДАЛЕНА РИЗОВА - ЧЕРНИХ
Велчо - ИВИЦА ДИМИТРИЈЕВИЌ
Силјаница / Си Биле - НИНА ДЕАН / НАТАЛИЈА ТЕОДОСИЕВА
Еснафот - АЛЕКСАНДАР ЃОРЃИЕСКИ / СЛАВИША КАЈЕВСКИ
Духовникот - ВИСАР ВИШКА
Клајк - КИРЕ ЃОРЕВСКИ
Клајковица / Чуле - АНА СТОЈАНОВСКА
Сиве - ТИНА ТРПКОСКА
Пијаницата - КИРЕ ЃОРЕВСКИ
Трпе - НИКОЛА АЦЕСКИ
ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Извршен продуцент: Виктор РубенИнспициент: Александар Рајковски
Фотограф: Кире Галевски
Суфлер: Зорица Благоевска
Светло – мајстор: Илија Тарчуговски
Тон – мајстор: Ташко Грујовски
Вајар: Ангелчо Петровски
Реквизитер: Соња Крстевска
Гардеробери: Фиданчо Петровски, Валентина Чонкова,
Светлана Апостолска и Скендер Бериша
Шивач: Весна Илиевска
Фризери и шминкери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Саво Ивановски и Срѓан Павловски
БЕЛЕШКА ОД АВТОРОТ

Приказната за Силјан Штркот нека биде приказна за еден Господин – пораснато дете, еден од оние на кои големите им се обраќаат со зборот незрели. Адолесценти.
Ако е работата одговор на сe, тогаш прашањето мора да биде крајно глупаво. Потполно легитимен став на едно големо дете, кое на пример, станува Штрк.
Ако е театарот игра, тогаш само децата, големи или мали можат да се предадат на неговата незрела илузија. Таму каде што на пример, овци можат да летаат, да мјаукаат и да играат ча ча ча, а сето тоа има и уште каква смисла. Секое дете знае, чудо постои. Кој голем не сонува чуда? Но потоа, кога ќе се разбуди се однесува крајно незрело (но, не како незрело дете) и престанува да верува во нив. Големите се сеќаваат на своето детство единствено кога ги гледаат своите стари, пожолтени фотографии. Го забораваат духот којшто тие фотографии го заробиле. Па, не знам, децата знаат да сонуваат будни. Знаат да имаат фантазија. Јас сум за тоа. Работата сувопарно разбрана не е одговор на сѐ. Никој нема право да заборави дека чудата постојат. Да, Силјан беше едно време Штрк.
Во детската смисла за комично и во неговата ведра интелигенција се наоѓа единствениот темел на творештвото. Ајнштајн би рекол, возрасна личност не мисли ништо повеќе за идните проблеми од она што веќе размислувала во најраното детство.
Посебно ми е драго што оваа приказна извадена од големите книги на Цепенков, веќе има свое театарско претставување во драмата на Прличко. Ова беше непроценливо искуство за мене. Традицијата е најдобар учител, а нејзиното продолжување, нашиот единствен кредит.”
20. 03. 1991
Овој текст го напишав за програмот на праизведбата на мојот дипломски текст “ Силјан Штркот Шанца”. Не знам што друго би додал денес. Драго ми е, што и овој мој детски текст ќе се постави во МНТ каде што се родени или поставени речиси сите мои драми. Со цела почит кон штиците, односно луѓето на и зад нив.
БЕЛЕШКА ОД РЕЖИСЕРОТ

На пример „Силјан Штркот“ на Дејан. Дејан го сакаме зашто секогаш ги пронаоѓа зборовите кои ние ги чувствуваме, а не знаеме како да ги изговориме.
Кој е традиционалниот наратив на Силјан Штркот? Едно момче е проколнато од своите родители, зашто било разгалено. Па кој го разгалил!? Истите родители кои го разгалиле детето, го колнат зашто е разгалено. Прилично сурово. А мора да се признае дека е и традиционално. Чудни вредности. Она што Цепенков го запишал се случува и ден денес. Колку вакви родители препознавате денесѐ Дали е Силјан поука за децата или за родителите?
Што заклучивме ние додека ја работевме оваа претстава: Подобро е никакво, отколку лошо воспитание, и дека е убаво да се смееш. На пример... А да... И уште нешто - Кој нормален би сакал да порасне во ваков свет?