Варвари

  • Автор: Максим Горки
  • Режисер: Владимир Милчин
  • Информации:

    Сценограф: Беди Ибрахим
    Костимограф: Марија Пупучевска
    Превод: Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин
    Асистент на режисерот: Шенај Мандак

    Асистенти на сценографот: Бојана Исијанин и Мартин Манев
    Асистент на костимографот: Ангела Богеска
    Избор на музика: Владимир Милчин и  Ема Марковска Милчин 
    Извршни продуценти: Виктор Рубен и Симона Угриновска
  • Премиерна изведба: Четврток, 13 Ноември 2025
  • Времетраење: 165 минути
  • Пауза: Да
  • Сцена: Голема

МАКСИМ ГОРКИ И НЕГОВИТЕ „ВАРВАРИ“ ВО 21 ВЕК

На 18.6.1936 година, Радио Москва известило дека починал Максим Горки, „голем руски автор, брилијантен уметник на зборот, пријател на работниците и борец за победата на комунизмот“. Иако му бил организиран државен погреб, Максим Горки починал како конфликтна личност, која се борела да ја зачува рамнотежата меѓу неговата уметничка свест и совест и неговата лојалност кон Сталиновиот режим. Кремљ го почестил Горки со државен закоп и речиси половина милион луѓе поминале покрај неговиот ковчег во специјалната капела во центарот на Москва. По кремирањето, урната со неговата пепел била сместена на украсена носилка и потоа носена до Црвениот плоштад од Сталин и неговите соработници на рамо, под будните очи на полицијата и армијата. Откако завршила церемонијата, урната била погребана во некрополата во ѕидот на Кремљ, што било спротивно на последната желба на писателот – да биде погребан веднаш до неговиот син на Новодевичјитe гробишта.Алексеј Максимович Пешков го зел писателското име Максим Горки (буквално „Максим Горчливиот“) рано во својата младост. Пишувајќи за скитачите и за другите маргинализирани индивидуи во своите дела, за првпат во руската литература било претставено мноштво ликови од ниските социјални класи. Горки и самиот живеел на дното на општеството и така го имал од прва рака искуството на страдањето. Писателската слава на Горки почнала пред револуцијата, а неговите дела биле високо ценети од величини како Толстој и Чехов. Горки станал близок пријател на Ленин на почетокот на векот, така што кога болшевиците дошле на власт, Горки можел да брани многу писатели и поети што биле прогонувани од режимот. Ленин подоцна се уморил од Горкиевите интервенции во полза на неомилените интелектуалци и го убедил Горки да замине во странство за да си го подобри здравјето. Откако ја напуштил Русија во 1921 година, Горки со своето семејство патувал низ Европа пред да се насели во италијанскиот град Соренто. Во меѓувреме Ленин починал и Сталин ја презел власта. Тој бил решен да ја искористи уметноста како средство за обликување на општеството и барал славен писател за да го оправда сталинизмот. Го одбрал Горки. Писателот се вратил во СССР во 1932 година, каде што бил пречекан со многу почести. Но, како што одминувале 1930-тите, позицијата на Горки во советското општество станувала сѐ поконфликтна. Првиот конгрес на Сојузот на советските писатели бил закажан за летото 1944 година, а од Горки било побарано да го одржи говорот на отворањето. Но, во мај истата година, синот на писателот, Максим Пешков, починал неколку дена по враќањето од пијанка со Хенрих Јагода, шефот на НКВД. Се спекулирало дека Максим бил убиен за да биде преплашен Горки и да биде спречен да прави несакани коментари или потпалувачки говори за време на Конгресот. Напнатоста меѓу Горки и Сталин продолжила да расте сѐ додека односите не биле дефинитивно прекинати во јули 1935 година. Горки се повлекол од Првиот меѓународен конгрес на писатели во Париз во последен момент, повикувајќи се на здравствени проблеми. Иако Горки навистина бил тешко болен од туберкулоза, Сталин тоа го сфатил како непростливо предавство, особено поради тоа што настанот го организирала Русија. На Горки му било забрането да комуницира со странски писатели и бил ставен под постојан надзор, речиси затворен во неговата вила во центарот на Москва. Има гласини дека во своите последни години, Сталин побарал од Горки да му ја напише биографијата, но писателот категорично одбил.Рускиот историчар Аркадиј Ваксберг тврди дека Горки не умрел од инфаркт, како што тврди официјалната верзија, туку дека бил отруен по налог на Сталин. Сепак, ова не е докажано, а писателот бил многу болен во последната фаза од неговиот живот.Драмата „Варвари“, објавена во 1906 година на руски и на германски јазик, се одвива во едно зафрлено околиско гратче во кое се испратени двајца инженери. Тие ќе раководат со градењето железничка пруга, која треба да го донесе капитализмот и да ги усреќи жителите. Надежите се големи, калкулациите се уште поголеми, резултатите се разочарувачки.Во судирот меѓу „дрвената и железната Русија“, во кој „железната“ го изнудува од „дрвената“ сето она што во неа колку-толку „вреди“, се решава проблемот на интелигенцијата. Носителите на буржоаската цивилизација во пиесата се инженерите Черкун и Циганов, кои дошле во зафрлениот град Верхополе да градат железничка пруга. Од самиот почеток Циганов го гледаме како гнасен циник и расипувач на човекови души. Под неговото отровно влијание, синот на градскиот поглавар Редозубов ќе почне да се опива, младиот селанец Матвеј Говин ќе стане ненаситник, ќе собира пари со кои сака да си „купи“ жена, а чиновникот Дробјазгин ќе краде државни пари... Расипувањето на луѓето му прави на Циганов вистинско задоволство, а тоа ја потврдува неговата зоолошка теорија. На почетокот, Черкун се чини поинаков. Енергичен, настојчив и работлив човек, иако по малку праволиниски во своите ставови и постапки. Не му се блиски без причина и неговата жена Ана, како и Лидија Павловна, која бара благородни идеали, но и Надежда Монахова, која копнее по вистинска љубов. Сепак, и Черкун ќе се покаже циник и егоист, како Циганов. Тој им е лут на луѓето, сака да се пресмета со нив за неговите понижувања во минатото, ќе ја згази љубовта на жена му, ќе ја оттурне Лидија Павловна, ќе ја доведе до самоубиство и Надежда Монахова. Еден од ликовите во пиесата, Черкун и Циганов ќе ги нарече варвари. На буржоаските „цивилизатори“ во пиесата ќе им се противстави студентот Степан Лукин. Тој добро знае дека „животот е полн со злостори“, знае и дека треба да им се стави крај, а за тоа се потребни „железни луѓе доколку сакаат да го препородат животот“. Но и знае дека нема сили за битка...Во своето писмо по повод праизведбата, Горки советувал да му се обрне внимание на ликот на Монахова: „Таа искрено верува во можноста на некаква голема, пламена и чиста љубов, верува во човекот-херој, достоен за нејзината љубов. Од првата средба ќе го засака инженерот Черкун, поради неговите смели очи, реските решителни движења и таа ќе помисли: „Еве го човекот-херој!“ Покорно, но уверено го гледа, го чека. Не може да не мисли дека тој е за неа, а таа за него. Во последниот чин, таа наеднаш не може да поверува во својата грешка, но кога ќе ја согледа, нејзиното срце ќе умре.“На сцената на Македонскиот народен театар во педесеттите и седумдесеттите години на 20-тиот век беа поставени драмите на Максим Горки „Малограѓани“ (1951), „На дното“ (1954) и „Децата на сонцето“ (1973).

Владимир Милчин

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk