Иванов

  • Автор: А. П. Чехов
  • Режисер: ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
  • Информации:

    Превод од руски јазик: ДРАГИЦА НАЈЧЕСКА
    Адаптација и режија: ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
    Извршен продуцент: ВИКТОР РУБЕН
    Сценографи: ИЛИНА АНГЕЛОВСКА, ТОДОР ДАЈЕВСКИ, ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
    Костимограф: РОЗА ТРАЈЧЕСКА-РИСТОВСКА
    Композитор: ДАВИД АНГЕЛЕВСКИ
    Инструктор за техника на качување и движење на карпа и обезбедување со јаже: АЛЕКСАНДАР ЗАРАПЧИЕВ
    Асистенти инструктори за техника на качување и движење на карпа и обезбедување со јаже: ЕЛЕНА ДИНОВСКА-ЗАРАПЧИЕВ, АНГЕЛ КУРТЕЛОВ И РАДЕ НАБАКОВ
    Кондициски вежби и сценски движења: НИНА ДЕАН
    Видеодизајнер: МИЛАН БЛАЖЕВСКИ


  • Премиерна изведба: Петок, 26 Мај 2023
  • Пауза: Да
  • Сцена: Голема
  • Следни изведби:
    2.04.2024 од 20:00 часот
 
ЗА АВТОРОТ
 
Антон Павлович Чехов (1860-1904) се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари. Започнува како автор на хуморески, продолжува со кратки раскази и новели, а останува запомнет како раскажувач, романописец и драмски писател, претставник на правецот натурализам. Мајстор е на малите забелешки од кои почнуваат и потоа опстојуваат големите нешта, мајстор е на кратката форма, како и мајстор на приказни и драми. Неговите дела „Иванов“ (1887), „Вујко Вања“ (1889), „Три сестри“ (1901) и „Вишновата градина“ (1904) денес се сметаат за бисери на руската литература и за непроценливо богатство на светската книжевност. Тоа се дела кои како претстави се поставуваат скоро во сите светски театри од почетокот до денес.
Драмата „Иванов“ е негово прво поставено дело во театар и ја доставува како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, тогаш мошне популарен кај тамошната публика. На денот на премиерата реакциите на публиката се различни: од громогласно аплаудирање, до свиркање, скокање од места и тропање со нозете до тепачка во галеријата. Но, во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Сепак, поставката го потиштува самиот Чехов. Во писмото до неговиот брат, тој вели: „не ги препознавам своите први забелешки како мои“ и дека актерите „не ги знаат своите делови и зборуваат глупости“. Иритиран од ова, Чехов прави измени на драмата со што конечната верзија е различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година. Ревидираната верзија е успешна и нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела.
Во Македонија Чехов за првпат е поставен во 1950 година, во Театарот на народностите – Турскиот театар, каде што таа година се поставени драмите „Мечка“ и „Просидба“. Оттогаш, низ годините, на различни сцени се поставени сите негови драми. Во НУ Македонски народен театар досега се изведени: „Галеб“ во 1960 година, во 1990 година и во 2018 година, во режија на Димитар Ќостаров, па Бранко Ставрев и последната на Нина Николиќ; „Три сестри“ во 1970 година, во режија на Илија Милчин; „Вишновата градина“ во 1997 и 2010 година, во режија на Трајче Ѓорѓиев, односно Љубиша Георгиевски; „Малиот човек“ во 2004 година, во режија на Нино Леви, и „Вујко Вања“ во 2015 година, во режија на Зоја Бузалковска.
 
Денешната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во Македонскиот народен театар. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев, со сценографија и костимографија на Владимир Георгиевски и избор на музика на Љупчо Константинов. Главната улога ја толкува Ристо Шишков, а во останатите улоги се: Јоана Поповска како Ана Петровна, Кирил Ќортошев како Матвеј Семјонович Шабељски, Душко Костовски како Павел Кирилович Лебедев, Љупка Џундева како Занаида Савишна, Славица Ковачевиќ-Јовановска и Емилија Андреева како Саша, Томе Витанов како Евгениј Константинович Љвов, Катерина Крстева како Марфа Егоровна Бабакина, Чедо Христов како Дмитриј Никитич Косих, Кирил Ристоски како Михаил Михаилович Боркин, Цветанка Јакимовска како Авдотја Назаровна, Александар Шехтански како Егорушка, Игор Џамбазов како Дудикин и Раде Мадиќ како Гаврил.

д-р Ивана Јарчевска

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk